Хари: Меган и јас немавме избор, одлуката не беше лесна

18

„Меган и јас продолжуваме кон непознато, но навистина немавме избор“, порача принцот Хари на првиот настап во јавноста по најавите дека се повлекуваат од службените овластувања во британското кралско семејство. Според договорот постигнат во саботата со кралицата Елизабета и високи членови на кралското семејство, тие двајца нема службено да го претставуваат монархот.

„Сакам јасно да порачам дека Меган и јас не заминуваме никаде“, истакна принцот синоќа во Лондон во говорот на добротвораната вечера во организација за помош на децата од Јужна Африка заболени од сида, чиј соосновач е и тој. „Обединетото Кралство е мој дом и место што го сакам и тоа нема да се промени“, додаде тој.

Двојката минатиот месец на „Твитер“ објави дека ќе се повлече од положбата – високи членови на кралското семејство и дека ќе настојуваат да станат финансиски независни.

„Можам да замислам што сè сте слушале и читале изминативе денови. Затоа, сакам вистината да ја чуете од мене, колку што можам да ја споделам со вас, не како принц или војвода, туку како Хари. Секогаш ќе гајам најдлабоко почитување кон баба ми, мојот врховен заповедник“, истакна Хари.

„Се надевавме дека ќе можеме да им служиме на кралицата, Комонвелтот и на моите воени здруженија, но без јавни пари. Тоа, за жал, е невозможно. Се помирив со тоа знаејќи дека нема да влијае на мене како личност, ниту на мојата одлука. Кога се венчавме со Меган, бевме возбудени, полни со надеж и подготвени да служиме. Затоа ми е многу жал што вака заврши. Мојата одлука да се повлечеме со сопругата не беше лесна“, порача тој.

Нагласи дека на одулката ѝ претходеле месеци разговор и години предизвици.

Минатата година во телевизиско интервју принцот Хари рече дека тешко им паѓа огромното медиумско внимание. Тие поведоа и судски спор против еден весник поради објава на писма што Меган му ги испратила на својот татко Томас Меркл.

„Кога пред 23 години почина мајка ми, ме земавте во заштита. Долго време внимававте на мене, но медиумите се моќни и се надевам дека еден ден нашата заедничка заемна поддршка ќе биде помоќна бидејќи ова не се однесува само на нас“, изјавил тогаш принцот Хари.