„Хари Труман“ веќе е дел од нашата одбрана: Радмила, Зоран и Талат на носач на авиони

26

“Хари С. Труман“, еден од десетте носачи на авиони од класата Нимиц, со должина од 333 метри и носивост од 100 илјади тони, кој е дел од НАТО флотата на Медитеранот, е веќе дел од нашата одбрана. Сите 5.000 војници што се на носачот се дел од нашата одбрана, исто како што и нашите капацитети се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по средбата со командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сили во Неапол која се одржа викендов, токму на носачот на авиони „Хари Труман“. На средбата присуствуваа и премиерот Зоран Заев, собранискиот претседател Талат Џафери, началникот на ГШ Васко Ѓурчиновски и американската амбасадорка Кејт Брнс.

-Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО членството, да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина, рече Шекеринска.

Премиерот Зоран Заев нагласи дека средбата со Адмирал Фого е јасен сигнал за активно учество на нашата земја во глобалните процеси кои носат мир во светот, како и во процесите во кои “заедно со сојузниците се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста и безбедноста“.

-Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на ЈИЕ, во Црноморскиот басен и во Средоземното Море од кое се контролираат три континенти. Ние сме дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност, изјави Заев.

За потполно интегрирање на нашите вооружени сили во воената компонента на Алијансата, во наредните 10 години ќе се издвојат околу 700 милиони евра за модернизација на војската по НАТО стандарди. Во договор со американската влада се набавуваат лесни оклопни возила и оклопни транспортери, а до 2024 година треба да се набават и повеќенаменски хеликоптери. Во НАТО структурите ќе има 20 македонски претставници, а во фокусот остануваат мисиите во Авганистан и Ирак. Старата нефункционална опрема ќе се расходува, но после изборите.

Инаку, според високи извори од Владата, во четврток ќе изберат амбасадори за повеќе испразнети позиции, меѓу кои и амбасадор на НАТО. Како што веќе објавивме, кандидат за амбасадор во НАТО останува Дане Талески, досегашен советник за надворешна политика на премиерот Зоран Заев и национален координатор за НАТО. Истите извори велат дека Талески и останатите предлози за амбасадори кои ќе се избираат на владината седница во четврток, се целосно усогласени со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со претседателот на државата Стево Пендаровски.