Холандија и Шпанија во битка за мундијалското злато

13

Денеска се одиграа полуфиналните натпревари на женското сениорско Светско првенство што се одржува во Јапонија. В недела (15 декември) во Кумамото за златниот медал ќе играат Шпанија и Холандија од 12.30 часот по македонско време, а претходно за бронзата ќе се соочат Русија и Норвешка (09.30).

Во првата полуфинална битка Холандија минимално со резултат 33:32 (16:16) ја совлада селекцијата на Русија. За „лалињата“ најефикасна беше Полман со девет голови, два повеќе на спротивната страна имаше Вјахирева.

Втор финалист е селекцијата на Шпанија со 28:22 (13:13) триумфираше над репрезентацијата на Норвешка. Во победничките редови Барбоса Кабрал запиша седум, а Родригез Родригез шест погодоци. За Норвежанките доминираше Малин Оне со пет голови. Холанѓанките по вторпат во својата историја ќе играат за златото, претходно во 2015. година загубија со 31:23 од Норвешка, а пред две години се закитија со бронзен медал во Хамбург.

Шпанските ракометарки за првпат ќе играат финале на Мундијалите, имаат една бронза од 2011 година кога со 24:18 ја совладаа Данска.