Хоспитализирани околу 1000 пациенти, најголем притисок во болниците во Тетово и Гостивар

12

Во државата има вкупно хоспитализирани околу 1000 пациенти. Најоптоварени и понатаму се болниците во Тетово, Гостивар, делумно во Кичево, Струга и Охрид. Во последните 24 часа здравствените власти регистрираа нови 870 случаи на ковид-19 од направени 5844 тестирања. Починаа 37 пациенти, а најмладиот има 22 години. Бројот на активни случаи изнесува 14.249.

Министерот за здравство Венко Филипче уверува дека здравствениот систем е подготвен и оти има доволно болнички капацитети.

– Обезбедуваме болнички кревети за сите пациенти. Тоа го правиме по системот на ротација. Имено, и тука во Скопје, се отворија дополнителни ковид-центри. Имаме секојдневна консултација со директорите и согласно расположливиот кадар, лекари и медицински сестри, се отвораат овие дополнителни центри, изјави вчера Филипче.

Во однос на возрасната група на пациентите, најзастапени се оние над 60 години, а најмал процент има кај малите деца.

– Има дваесетина деца хоспитализирани во болницата во Козле и тие имаат релативно лесна форма на болеста. Задржани се на болничко лекување, пред сè заради поголемо внимание, рече Филипче.

Од смртните случаи, најголем дел се на возраст над 60 години. Од нив, над 73 проценти имаат хронични заболувања.

– Тоа што се забележува е дека долго се лекуваат надвор од болнички услови и доаѓаат на лекар многу доцна, со лоши параметри, многу ниска сатурација, вели Филипче, додавајќи дека пациентите се лекуваат според протокол и не се точно дека нема протоколи за лекување.

Клучен фактор во борбата против ковид-19, според здравствените власти, е вакцинацијата.

– Бројот на починати лица кои се вакцинирани е навистина многу мал што ја докажува ефикасноста на вакцината, а тоа е дека таа 20 пати го намалува ризикот од смрт. Голем дел од починатите пациенти имаат придружни болести, како карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, биле подложени на повеќе хируршки интервенции, потенцира Филипче.

Одлуката на Европската унија да ја стави Северна Македонија на „црвена листа“ на земји во Европа, Филипче ја гледа како одлука која оди во прилог на нашата политика да има што поголем број вакцинирани граѓани.

– Со тие сертификати за вакцинација нема никакви рестрикции – не се бараат ПЦР тестови, не е потребен ниту карантин. Тоа е доказ дека буквално целиот свет оди во тој правец, целосно да се нормализира животот и движењето на луѓето кои се вакцинирани, истакна Филипче, додавајќи дека сите земји во светот се повеќе ќе ставаат акцент исклучиво на вакцината.

Пристапот на Владата околу вакцинацијата, според Филипче, е успешен, а потврда за тоа се бројките.

– Имаме најголем просечен раст на вакцинирани граѓани во регионот. Со една доза е вакцинирано 43 проценти од полнолетното население. Од него, 28 отсто од 18 до 39 години, 52 проценти над 40 години, со зголемување на возрасните категории расте и опфатот на вакцинацијата. Околу 73 проценти се вакцинирани граѓаните над 70 години. Има разлика и во опфатот на вакцинацијата по градови. Највисок процент на вакцинирани има во Охрид, Кавадарци, Неготино, Ресен. Во Гостивар тој процент е прилично низок, околу 20 отсто, а најголем раст има во Тетово, каде изминатиов период порасна за 15 проценти, изјави Филипче.

Според последните бројки што ги објавија здравствените власти, вакцинирани се вкупно 722 578 граѓани. Прва доза вакцина во саботата и завчера примиле 9240 граѓани, а вкупно се вакцинирале 18 292 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1 253 612 дози вакцини, а ревакцинирани се 531 033 граѓани. Со последните бројки, 52 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 28 проценти од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.