Хоти: Првиот чекор кон конечниот договор

17

Премиерот на Косово Авдулах Хоти кажа денес во Вашингтон, по потпишувањето на договорот со Белград за економска соработка, дека за него тоа е првиот чекор кон конечниот договор.

„Мислам дека ова е голем ден, многу важен ден за Косово и регионот. Овој договор се однесува на нормализацијата на економските односи на двете држави и поддршката на големите инфраструктурни проекти кои подобро ги поврзуваат двете економии, кои создаваат подобар пристап до регионот и Европа“, кажа Хоти.

Тој истакна дека тоа не е конечниот договор меѓу Косово и Србија.

„Тоа е договор за економска соработка за нормализација на економските односи меѓу земјите, но јас тоа го гледам и сите заедно го гледаме како голем чекор во приближувањето кон конечниот договор кој ќе значи и заемно признавање“, кажа Хоти.

Додаде дека се радува што Израел ќе ја признае еднострано прогласената косовска независност по што, како што наведе, ќе следи воспоставување дипломатски односи и економска соработка.

„Верувам дека ова е многу големо достигнување со помош на САД“, кажа Хоти.

Тој додаде дека разговорите ќе бидат продолжени во понеделник во Брисел, каде, како што кажа, ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Хоти кажа и дека телефонски, со присуство на Трамп, разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и додаде дека сите добри нешта секогаш доаѓаат од Белата куќа.