Хрватска е четвртфиналист на СП

7

Фудбалската репрезентација на Хрватска патува во четвртфиналето на Светското првенство (СП) во Катар, со победа по изведување на пенали (1-1 регуларен дел и продолженија, 3-1 пенали) над селекцијата над Јапонија. Ова беа први продолженија и пенали на турнирот, а ги одбележа голманот Доминик Ливаковиќ кој фати три пенали.

Хрватска тргна проблематично во натпреварот, а Јапонија ја имаше топката во нозе и притискаше кон голот на Ливаковиќ. Имаше Танигучи убава шанса уште во 3. минута, ама обидот со глава профуче над голот. По одбрана на Гонда по обид на Перишиќ, Јапонија пак ја врати иницијативата и притискаше, Камада во 41. минута пак не погоди во целта, ама затоа Маеда две минути подоцна ја круниса можноста со гол за предност на „самураите“.

Голот на Јапонците беше признат и по прегледување на ВАР. Тоа беше резултат и на паузата, а воведните минути од вториот дел им припаднаа на Хрватите. Во 52. минута се закани Петковиќ, но не погоди, ама во 55. минута Ловрен асистира до Перишиќ, а крилниот играч погоди на убав начин со глава за 1-1.

Во продолжението од мечот се нижеа шанси, ама немаше реализација. Имаа обиди и Јапонија и Хрватска, голманите беа на ниво и дуелот замина во продолженија, за првпат на ова Светско првенство. Во додатните триесет минути, најзрелата шанса за Јапонија ја имаше Митома во 105. минута, додека Хрватска во 120. минута се закани преку Ловро Мајер, ама безуспешно. Екстра-времето „коцкестите“ го одиграа без Лука Модриќ кој беше повлечен поради замор.

Во пенал-рулетот, Ливаковиќ го прочита шутот на Минамино уште на стартот, а Влашиќ донесе предност за Хрватска. Потоа, Ливаковиќ го фати и обидот на Митома, а откако Ливаја промаши, Ливаковиќ фати и трет пенал на Јошида и ја однесе балканската селекција меѓу најдобрите осум во светот.

Хрватите во четвртфиналето за противник ќе го имаат подобриот од натпреварот меѓу Бразил и Јужна Кореја.