Хрватскиот суд пресуди: Истополовите двојки ќе можат да посвојуваат деца

3

Оваа одлука судот ја донел во случајот со партнерите Младен Кожиќ и Иво Шегота, на кои сега им е овозможен пристап до постапката за посвојување дете, соопштено е на прес-конференција во Загреб, јавија хрватските медиуми, пренесува Танјуг.

Имено, Кожиќ и Шегота пред шест години се пријавиле во центарот за социјална заштита во желба да станат посвоители, но во два наврати биле одбиени бидејќи се во животно партнерство. По долга правна битка во 2020 година, тие успешно станаа згрижувачки родители на две деца.

Минатата година првостепениот Управен суд донесе одлука дека тие можат да станат и посвоители, а по жалбата на Министерството, одлуката на Вишиот управен суд конечно ги отстрани сите дилеми.

Шегота и Коџиќ на новинарите, меѓу другото, им кажаа дека се изгубени шест години и дека, како што велат, тоа оди на душа на политиката.

„Шесте изгубени години на тие деца одат на душа на политиката, која во име на одбрана на т.н. традиционални вредности, беше подготвена да го погази правото на семејство на деца кое општеството го заборави“, велат Шегота и Кожиќ.

Организацијата Rainbow Colors соопшти дека оваа пресуда има далекусежни последици за правата на ЛГБТИ лицата и истополовите двојки во Хрватска.

Закон за истополови партнерства пред литванскиот Парламент

Литванскиот Парламент денеска донесе одлука да расправа за предлог-законот за легализација на истополовите граѓански партнерства, откако отфрли сличен закон во мај 2021 година.

Седумдесет пратеници гласаа за, а 52 против прифаќање на дискусијата за предлог-законот, пренесува Ројтерс.

Неколку пратеници кои гласаа против сметаат дека легализацијата на истополовите партнерства е спротивна на католичкото учење.

„Истополовата заедница е грев, без разлика како гледаме на тоа“, изјави опозицискиот пратеник, Алгимантас Дамбрава, за време на жестоката дебата во Парламентот, пренесува Ројтерс.

Предлагачите на овој закон беа малку охрабрени од одлуката на Парламентот, но признаа дека нема да биде лесно да се донесе овој закон во изразито католичка земја како што е Литванија, оценува британската агенција.

Анкетата од април 2021 година покажа дека 70 отсто од возрасните Литванци се противат на истополовите партнерства.

Тројца од четворица Литванци се декларираат како римокатолици, а шефот на локалното црковно тело им рекол на пратениците да се држат настрана од таквите партнерства, бидејќи ризикуваат да го променат „природниот концепт на семејството“, пренесува британската агенција, пренесува Танјуг.