Цаневска: Со прислушкувањето е направен удар врз демократијата

12

Новинарката Катерина Цаневска на денешното нејзино сведочење како оштетена во случајот “Таргет-Тврдина” рече дека кога работела во сега згаснатата А1 телевизија се случувало да добијат демант за прилог кој не е емитуван.

– Во СЈО пријавив шест броеви. Од СЈО добив потврда дека четири броеви кои сум ги користела биле прислушкувани. Меѓу тие беше и мојот приватен број. Се чувствувам оштетена. Со ова прислушкување е направен удар врз демократијата и врз мојата работа. За оштетното побарување ќе се изјаснам дополнително – нагласи Цаневска.

Новинарот Младен Чадиковски исто така оштетен во овој случај изјави дека во 2015 година на прес конференција му било дадено папка во која имало негови разговори со колеги и соработници.

– До тогаш имавме само сознанија, но немавме конкретни докази. Се чувствувам оштетен и побарувам оштета – рече Чадиковски.

Јадранка Костова оштетена новинарка од неделникот „Фокус” во судница изјави дека била дел од аферата „Големо уво”, кога дел од новинари од земјава биле незаконски прислушувани, но за обвинетите било дадена аболиција.

За периодот од 2008 до 2015 година имала, рече Костовска сомневања за прислушкување.

– За периодот 2008 до 2015 година, на прес конференција на Зоран Заев дознав дека сум прислушувана и добив материјали од тие разговори. Тие материјали ги добив во форма на транскрипти. Мојата оценка е дека преку прислушкувањето се мултиплицираа тужбите за клевета кои ги добивав. Се чувствувам оштетена и имам оштетно побарување – рече Костова.

Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи и други лица од некогашната УБК.

Според обвинението за „Таргет-Тврдина” преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски следела 4.286 телефонски броеви без да бидат издадени судски наредби.