Царовска: Ако се шири заразата, имаме две сценарија за настава во училиштата

11

Министерката за образование Мила Царовска денеска повтори дека постојат две сценарија за наставата од 1 септември доколку заразата со ковид-19 почне да се шири, но не кажа дали постојат утврдени критериуми при колкави размери на заразеност во училиштата ќе се донесе одлука да се премине на комбинираниот модел или на целосна онлајн-настава.

„Планот за наставата во училиштата е донесен во јуни и по него постапуваме. Како ќе се менува епидемиолошката слика, така Комисијата за заразни болести ќе го информира МОН дека се појавува ризик. Минатата година 40 отсто од учениците беа на настава со физичко присуство во училница и немаше ниту еден случај на интерна трансмисија на ковид-19. Тоа покажува дека со почитување на дадените протоколи може да се спречи интерна трансмисија. Имаше безбеден и континуиран образовен процес и немавме затворање на цели училишта. За разлика од земји во регионот каде што постојано имаше промена на моделите и постојано затворање на училиштата. Сметам дека добро ги водиме процесите“, изјави Царовска.

Таа додаде дека за време на последната учебна година МОН на дневно ниво од сите училишта во државата собирало податоци за позитивни случаи на наставници и ученици и ги проследувало до Комисијата за заразни болести, а таа ги давала насоките.

Министерката изјавата ја даде на настан во дворот на факултетот ФИНКИ, каде што, како што може да се види од фотографиите, средбата се одржа на отворен простор, со маски на лицата и дистанца меѓу учесниците на состанокот.