Царовска: Државната матура е изборна, ние сме должни да ја овозможиме

7

Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека не е точно дека 70 отсто од средношколците го бојкотираат наставниот процес, но и дека државната матура е изборна, а нивна обврска како Министерство е да го овозможат правото на полагање на матурата.

„Од првиот ден сме во континуирана соработка и разговори со Сојузот на средношколци. Тие имаат различни размислувања и барања. Последен пат имавме состанок минатата недела, каде што утврдивме дека матурата оваа година се одвива согласно законот. Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура. Утрово имав состанок со сите директори на средните училишта, нема бојкот на 70 проценти, туку само на дел од учениците. Важно е дека нашата обврска како Министерство за образование и наука и на општините, е да им го обезбедиме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура“, рече Царовска денеска на промовирањето на проектот за поставување на заштитни паравани во основните училишта во Општина Чаир.

Според неа, учениците што не сакаат да полагаат државна матура имаат можност, согласно концепцијата за матура, да полагаат училишна матура, таму има два предмета и проектна задача или оние што се во стручни училишта имаат можност да полагаат стручен испит.

„Државната матура е изборна, а нашата обврска како Министерство е да го обезбедиме правото за полагање матура, посебно на оние ученици коишто сакаат да го продолжат своето образование во високообразовни установи во нашата држава и надвор од неа“, рече Царовска и ги повика учениците да ги прочитаат концепцијата за матура и законот и да одлучат на кој начин ќе полагаат матура оваа година.

Таа додаде дека минатата година бевме негативен исклучок во регионот и во светот со неполагањето матура, поради што наши ученици не успеале да се запишат на високорангирани универзитети во светот затоа што немале положен матурски испит.