Царовска : Лесно нема да биде за никого, но ниту една промена не е лесна

12

По јавната расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, која е закажана за утре, министерката за образование и наука Мила Царовска очекува дефинирање на концепцијата за основно образование. Очекува плодна дискусија, а секој конструктивен предлог, кој ќе произлезе од расправата, ќе може да се вметне во концепцијата со која се спроведува реформа на основното образование, која е обврска, во согласност со Законот за основното образование од 2019 година.

За концепцијата, нејзиното градење, бројните забелешки во јавноста во однос на начинот на кој се одвиваше процесот на нејзиното создавање, но и во однос на интегрираниот пристап во реформата говоревме со министерката Царовска во интервјуто за МИА.

– Лесно нема да биде за никого, но ниту една промена не е лесна. Затоа е важно да чекориме постепено и да фатиме чекор со светот поскоро, нагласува Царовска за МИА.

Појаснува дека е предвидено концепцијата да се воведува етапно во период од шест години, почнувајќи од прво и четврто одделение.

За интеграцијата и стравувањата од евентуално исчезнување на предметите, но и на работните места, Царовска е децидна дека такво нешто нема да се случи, напоменувајќи дека интеграцијата постои и сега од прво до петто одделение. Додава дека од шесто таа интеграција сега само треба да продолжи.

– Значи, станува збор за шесто, седмо, осмо и деветто одделение интегрирање, но не целосно поклопување на научните дисциплини. Напротив. Тие остануваат тука, модуларно ги поставуваме и историја и географија и граѓанско и биологија и хемија и физика со тоа што географија има и во природни и во општествени науки, но бројот на часови останува ист и на природни и на општествени науки со сегашниот наставен план, но интеграцијата се однесува на темите коишто се учат да се поврзат со сите научни дисциплини, да речеме природни или со сите научни дисциплини од општествени. Зошто? Затоа што ниту еден проблем во животот, ниту еден предизвик не го решаваме само со користење една научна дисциплина, вели Царовска.

Нагласува дека кај нас со години ништо не менуваме и се чудиме зошто меѓународните тестирања едноставно нè оставаат најдолу.

– Не се нашите деца помалку паметни од другите деца, туку едноставно нашиот систем не ги учи проблемите да ги разгледуваат од повеќе агли, истакнува министерката за образование и наука.

Додава дека нема да дојде до загуба на работни места, туку смета дека ќе има дефицит на одредни кадри.

За буџетските импликации од новата концепција, за поголемата автономија, која е предвидена за наставниците во пренесувањето на содржините, за наставните материјали, но и медиумската писменост, разговаравме со Царовска во интервјуто за МИА. Таа се осврна и на државната матура, можност за законски измени, но и за плановите за реформи на средното образование.