ЦЕЛОСНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ЦАРИНСКОТО РАБОТЕЊЕ И БЕСХАРТИЕНО ЦАРИНЕЊЕ ЗА ЕДЕН ЧАС! Интервју со директорката на Царинска управа, Славица Кутиров

306

Процесот на дигитализација на царинското работење, во последната декада е високо на агендата на Царинската управа, а се рефлектира и во нашите стратешки документи и планови. Воведувањето на нови електронски системи и надградбата на постоечките, ни дава за право да кажеме дека денес – Царинската управа тежнее кон целосно автоматизирани царински постапки, и со тенденција за продолжување со засилено темпо во таа насока, применувајќи најсовремени технолошки алатки, изјави за весникот КОХА директорката на Царинска управа, Славица Кутиров,  која во ова интервју зборува и за усогласувањето и имплементацијата на европското законодавство и на сите други системи и механизми кои произлегуваат од него…

 

Лауша ЗЕНУНИ

КОХА: Дигиталната трансформација на општеството станува потреба и главен фокус на институциите. Како Царинската управа ги следи овие трендови и кои проекти се имплементираат во пракса?

КУРИТОВ: Основните приоритети и цели на кои е фокусирана Царинската управа се, пред сè ефикасна наплата на приходите кои го полнат буџетот на државата, ефикасни контроли за заштита на безбедноста и сигурноста на граѓаните, како и постојана примена на нови мерки и активности за понатамошно олеснување на легалната трговија, која пак влијае на подобрување на конкурентноста на нашите комапании. Процесот на дигитализација на царинското работење, во последната декада е високо на агендата на Царинската управа, а се рефлектира и во нашите стратешки документи и планови. Воведувањето на нови електронски системи и надградбата на постоечките, ни дава за право да кажеме дека денес – Царинската управа тежнее кон целосно автоматизирани царински постапки, и со тенденција за продолжување со засилено темпо во таа насока, применувајќи најсовремени технолошки алатки.

Клучен момент во дигиталната трансформација на Царинската управа беше изработката и пуштањето во функција на новиот Систем за обработка на царински и акцизни документи – СОЦДАД во 2019 година. Со него, после повеќе од 20 години, се замени стариот информатички систем со една нова напредна платформа за бесхартиено царинско работење, притоа обезбедувајќи интеграција со веќе воспоставените царински системи, како што се системот за електронско издавање на дозволите за увоз и извоз – ЕКСИМ, транзитниот систем – НКТЦ, интегрираната тарифна околина – ИТО, а истиот овозможува и интероперабилност со системите на владините институции и царинските системи на Европската Унија. Преку овој систем, денес на месечно ниво електронски се обработуваат над сто илјади царински декларации и акцизни документи.

Но, секако не застанавме тука. Веќе работиме на развој и воведување на нови системи, базирани пред сè на европското законодавство и пракса, а чија имплементација е дел од условите за влез на нашата држава во ЕУ. Во таа насока е имплементацијата на Новиот компјутеризиран транзитен систем НКТС фаза 5, што од 2024 година треба да го замени постоечкиот транзитен систем НКТС. Овој систем е многу значаен за економските оператори, бидејќи со него ќе овозможиме нашата држава да продолжи да биде дел од европскиот транзитен систем и Заедничката транзитна конвенција, што пак на нашите компании им овозможува примена на европските стандарди и пред сè можност да транзитираат низ земјите во ЕУ со минимални застанувања.

Друг значаен проект на кој работиме заедно со Светска Банка е и новиот Национален едношалтерски систем, кој треба да обезбеди една централизирана национална платформа на услуги, интегрирајќи ги царинските ИКТ системи и системите на другите владини институции. Овие услуги вклучуваат централизиран пристап до сите услуги преку единствена точка за поднесување и издавање на царинските документи и увозно – извозни дозволи од другите институции, сервиси за централно плаќање на сите давачки, но и размена на информации и заедничка анализа на ризик со другите државни органи, со цел поефикасни контроли, што пак ќе влијае на намалување на сивата економија. Во таа насока, со средства од ИПА фондовите работиме и на воведување на нов Систем за унапредување на контролите и истрагите на Царинската управа, како и на нов Автоматизиран систем за управување со царинските терминали. Работиме и на замена на постоечкиот со нов Систем за видеонадзор и автоматско препознавање на регистарските таблички, преку кој планираме да разменуваме податоци со системите на Министерството за внатрешни работи на граничните премини. Овие системи ќе имаат значителен придонес во забрзување на прекуграничниот проток, поефикасни контроли, но ќе влијаат и на спречување на одредени коруптивни појави.

КОХА: Какви новини и придобивки од овие активности може да очекуваат компаниите во блиска иднина?

КУРИТОВ: Царинската управа веќе подолго време интензивно работи на надградба на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи и до крајот на месецот пуштаме во примена една важна новина во царинското работење. Таа новина овозможува  целосно автоматско завршување на царинската постапка за еден час од поднесувањето на царинската декларација. Истата ќе важи за т.н зелени царински декларации, односно декларации кои се правилно пополнети, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли. Секако има уште еден услов, а тоа е веќе да се платени или обезбедени давачките. Целосно автоматско завршување на постапката значи дека истата застапниците ќе можат да ја спроведат далечински, без да доаѓаат во царинските терминали и без било каква интеракција од страна на царинскиот службеник. Со оваа новина за прв пат ќе обезбедиме комплетна бесхартиена постапка.

Исто така, овој месец, преку платформата за интероперабилност се поврзуваме со системот на Министерството за транспорт и врски, и во примена пуштаме нови сервиси, со чија помош царинските службеници на граничните премини ќе можат да извршат проверка на транспортните дозволи на превозниците, изводите од лиценците и сертификатите на возачите. Истовремено за пријавување на невалидни документи, системот автоматски ќе испрати известување до Државниот инспекторат за транспорт, како надлежен за понатамошно постапување. Со ова очекуваме дека во целост ќе бидат спречени евентуални појави на приложување на лажни или невалидни транспортни документи од страна на превозниците.

Важно е да се напомене дека сите овие нови системи и сервиси имаат влијание на намалувањето на човечкиот фактор и можноста за субјективно одлучување на царинските службеници, што пак има влијание и на намалување на корупцијата.

КОХА: Минатиот месец по повод отпочнување на процесот на скрининг бевте и во Брисел. Што ви порачаа од таму?

КУРИТОВ: Почетокот на преговорите за нас значи продолжување на работата со поголема динамика и интензитет кон усогласување и имплементација на европското законодавство и на сите други системи и механизми кои произлегуваат од него, а истите во најголем дел се веќе вградени во нашите планови. Ние го раководиме Поглавје 29 – Царинска унија, дел од Кластер 3 – Конкурентност и инклузивен раст, кој е координиран од министерот за финансии. Но, истовремено учествуваме и во работните групи на повеќе други поглавја каде имаме надлежности. Во работните групи очекуваме поддршка и од бизнис и академската заедница.

Оценките на Европската комисија во делот Царинска унија се позитивни, што може да се види и во извештајот за напредокот на земјата, објавен од Европската комисија, каде е нотиран „добар напредок“ за ова поглавје, и високо ниво на усогласеност во однос на царинското законодавство. Со објаснувачкиот состанок за Поглавје 29 – Царинска Унија, одржан во Брисел на крајот на минатиот месец практично се комплетираше првата фаза од презентирањето на законодавството на Европската унија во делот на царинското работење за Република Северна Македонија. Во периодот што следи започнуваат активностите за подготовка на билатералниот скрининг, на којшто од наша страна ќе биде презентиран напредокот во сите области во наша надлежност, односно понатамошно усогласување на царинското законодавство, подобрување на стандардите за интегритет, борба против корупција, како и проекти за понатамошна дигитализација во согласност со Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ за воспоставување на е – Царина.

На крајот би сакала да потенцирам дека при реализацијата на сите овие проекти и активности, соработката и постојаната комуникација со бизнис заедницата е императив во нашето работење веќе долги години, и на тоа посветуваме особено внимание. Царинската управа одржува редовни состаноци на Советодавното тело, во кое членуваат сите стопански комори и други трговски и транспортни здруженија, каде што тековно се разгледуваат отворените прашања и се дискутираат предлозите за промени во царинското работење. Ова е важно бидејќи Царината е значајна алка од меѓународниот синџир на снабдување, кој пак се базира на заеднички стандарди и правила кои задолжително се вградуваат и во царинското работење, а со тоа влијаат и на напредокот и развојот на домашните компании и зголемување на нивната конкурентност на глобалнот пазар. (koha.mk)