Цените на нафтата паднаа, трговците загрижени

49

Цените на нафтата паднаа на меѓународните пазари бидејќи натамошното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки ќе го забави економскиот раст, што ќе ја намали побарувачката за црното злато. Во однос на претходното затворање, цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 70 центи, на 82,0 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од околу 80 центи, по 76,49 долари.

Цените на двата пазари паднаа поради посилниот долар, кој може да ја ослаби побарувачката за нафта со тоа што ќе ја поскапи за оние што користат други валути. Претседателот на американската централна банка Џером Пауел во средата изјави дека американската централна банка дополнително ќе ги зголеми каматните стапки следната година, иако на економијата ѝ се заканува рецесија.

„Цените на нафтата денеска се под притисок бидејќи насоките на ФЕД за монетарната политика ја зголемија загриженоста за економскиот раст, го зајакнаа американскиот долар и ги притиснаа цените на суровините. Економските податоци на Кина за ноември беа многу под очекувањата, што дополнително ги затемни изгледите за побарувачката“, рече Тина Тенг од „ЦМЦ маркетс“.

Утринава, всушност, се покажа дека втората по големина светска економија дополнително ја загубила динамиката бидејќи податоците покажале дека растот на фабричкото производство забавил, а продажбата на мало продолжи да паѓа. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот.