Централниот регистар сепак попушти: Рокот за поднесување годишни сметки продолжен до 25 март

8

Рокот за поднесување годишна сметка сепак ќе биде продолжен, но не до 31 март како што бараа сметководителите, туку до 25 март до 24 часот, соопштија од Централниот регистар.

„Ваквата одлука за пролонгирање на рокот се носи согласно ситуацијата и мерките од Владата за заштита и превенција од ковид-19, како и поради тоа што голем број од сметководителите се заболени од вирусот и не се во можност да ги запазат законските рокови. Одлуката за пролонгирање на рокот е во согласност со член 477 од Законот за трговски друштва“, посочуваат од Централниот регистар.

Одлуката е изненадување, ако се има предвид дека минатата недела министерот за економија Крешник Бектеши беше дециден дека рокот нема да се продолжи бидејќи, по консултации со Министерството за финансии, УЈП и Централниот регистар, одлучиле дека сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата.

Истиот ден од Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори рекоа дека речиси 50 отсто од сметководителите биле болни од ковид од почетокот на пандемијата и побараа рокот за доставувањето на годишните извештаи и завршните сметки да се пролонгира до 31 март.

Сепак, според податоците од Централниот регистар, заклучно со вчерашниот ден, над 90 отсто од обврзниците веќе ја поднеле годишната сметка.