Ципрас: Владата на Мицотакис е неспособна и опасна за справување со пандемијата

16

Владата на Мицотакис не само што се покажува неспособна да управува со ваква критична ситуација, туку е и опасна, бидејќи ги става идеологиите, интересите и профитот над животот на луѓето, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас од Солун и истакна дека ситуацијата е сериозна и не смеат да ѝ дозволат на актуелната Влада да го подели грчкото општество, јави дописничката на МИА од Атина.

-Од овде, од Солун, сакам да испратам, да испратиме сите заедно, со вашето присуство, да испратиме една јасна порака: работите се премногу сериозни за да го оставиме господинот Мицотакис да го подели и распарчи грчкото општество. А пораката што ја испраќаме денес е: До тука! Доста е! Немаме право да дозволиме, не можеме и нема да дозволиме лагите, репресијата и корупцијата да станат нормалност во земјата и да продолжат безгрижно да уживаат во летни викенди со 13.000 мртви во земјата, порача Ципрас.

Додаде дека на Грција „во овој тежок момент“, потребно ѝ е лидерство кое може да го убеди и обедини народот и истакна дека Мицотакис, со неговите постапки во минатото, веќе го загуби неговиот кредибилитет.