Црвенковски: Договорот со Бугарија со формулацијата за „заедничка историја“ беше голема грешка

20
Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен. Ова го истакна експретседателот и премиер, Бранко Црвенковски говорејќи на дебата на Советот на амбасадори.

Правејќи споредба помеѓу Договорот со Грција и Бугарија, Црвенковски вели дека Преспанскиот не го смета за добар, уште помалку за идеален, но претставува избор на помалото зло. Сепак, како што рече Црвенковски, овој договор затвори едно тешко отворено прашање и односите се подобрија, додека по договорот со Бугарија сосема спротивно, односите се неспоредливо полоши од претходно.

„Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам“, рече Црвенковски.

Како што додаде, единствено можно решение е секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи. Според Црвенковски, треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања, рече експретседателот.

Тој порача дека јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската унија. Тоа за Македонија се разбира не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома, рече Црвенковски.

Експретседателот додаде дека како држава се однесуваме како да е почетокот на преговорите цел сама за себе, а не само една етапа од долг процес со сериозни предизвици и неизвесен крај, кој нема да зависи само од нашите резултати и достигнувања туку и од плановите и интересите на постојните, посебно најмоќните членки на Унијата.