Црна Гора го донесе Законот за слобода на религијата, немири во собранието (ВИДЕО)

11

Црногорските пратеници го усвоија законот за слобода на религијата, кој предвидува државата да стане сопственик на сите верски објекти што биле изградени до декември 1918 година – освен ако верските заедници не ја докажат сопственоста.

45 пратеници од вкупно 81 во црногорското собрание гласаа за законот.

Дел од опозицијата и претставниците на Српската православна црква го сметаат законот за неуставен и бараа да се повлече од процедура.

Пред гласањето се случи инцидент. Пратениците на опозицискиот демократски фронт (ДФ) се обидоа да го спречат усвојувањето на законот, се залетаа кон членовите на владејачката коалиција, ги гаѓаа со шишиња и чаши и ги корнеа микрофоните, пренесе Бета. Дојде и до судири со полицијата, па пратениците на оваа партија беа приведени.

На усвојувањето на законот му претходеа протести и блокади на патиштата во Подгорица, Никшиќ, Будва и другите градови во Црна Гора.

Големи полициски сили беа распоредени во центарот на Подгорица. Околу 20 лица се приведени од полицијата, од кои 13 се уапсени за кршење на Законот за јавен ред и мир, јави подгоричка Побједа.