Црна Гора усвои Закон со кој се легализираат истополовите бракови

12

Црногорскиот парламент го усвои Законот за животно партнерство на лица од ист пол. „За“ гласаа 42 пратеника, од вкупно 81, меѓу кои дел од членовите на владеачката коалиција со поддршка на опоизициските „Демос“ и СДП. Против предложеното законско решение беа четири народни избраници од малцински партии – од албанската партија „Форс“ која е дел од владината коалиција со Социјалдемократите и Демократската партија на социјалистите, од Хрватската граѓанска иницијатива и Бошњачката партија, но и поголем дел од опоцизијата.

Со изгласаната законска рамка се овозможува партнери од ист пол да може да склучуваат бракови, меѓусебно да се наследуваат едни, да поседуваат заеднички имот, да имаат право на пензија и на социјално осигурување, заеднички да се грижат за деца, обврска за грижа кон дете на парнерот, но нема конкретна одредба за можноста за посвојување на деца.

Организацијата „ЛГБТИ Форум“ го оцени усвојувањето на Законот како историски чекор во борбата за човековите права на ЛГБТИ заедницата во Црна Гора. Од таму нагласија дека донесениот Закон значи и несогледлив напредок на црногорското општество, пред сè, на нивните припадници.

„Историјата ќе ве памети“, гласеше пораката од организацијата „Квир Монтенегро“ до пратениците кои гласаа за усвојување на Законот.

Усвојувањето на Законот за истопололови бракови/партнерства го поздравија и Амбасадите на САД и на Велика Британија во земјата, оценувајќи го денот како „историски за ЛГБТИ заедницата во Црна Гора“. Во тој контекст беше и твитот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ кој на социјалната мрежа напиша дека општеството покажало оти созрева и прави голем исчекор кон најразвиените светски демократии.

„Усвојување на Законот за истополови партнерства е потврда дека созреваме како општество и ги прифаќаме и живееме со различностите. Родени слободни и еднакви во достоинството и во правата“, напиша Ѓукановиќ на Твитер.

Со реакција се јави и премиерот Душко Марковиќ кој изрази благодарност до ЛГБТИ заедницата за придонесот во дијалогот и порача дека „нема и не треба да има место за дискриминација врз основа на сексуална ориентација во европска Црна Гора“.