Црна статистика за март и за април: Без работа останале најмалу 8.301 работнци

Податоците што ги објави Агенцијата за вработување покажуваат дека во март и во април се зголемил бројот на невработени за 8.301 граѓанин.

12

Според евиденцијата на Агенцијата, во април имало вкупно 200.236 евидентирани невработени граѓани, независно дали активно бараат работа, или пак само еднаш годишно се пријавуваат. Во февруари пак, бројот на невработени бил 191.935.

Но, овие податоци не се прецизни во однос на тоа колку граѓани останале без работа во март и во април. Тоа би можело да се добие од списокот за престанок на работни места, но таква евиденција не дава Агенцијата за вработување, туку дава евиденција само на граѓани кои се пријавиле на списокот на оние што активно бараат работа, или пак кои се пријавиле само за да бидат евидентирани. Можно е дел од оние што загубиле работа, се уште да не пријавиле во Агенцијата за вработување како невработени.

Работниците кои останале без работа имаат право на паричен надоместок од Агенцијата за вработување во одреден период, зависно од времето поминато на работа.