Црногорскиот премиер е последниот европски лидер, кој не сака да се вакцинира

16

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ денеска изјави дека нема да се вакцинира против коронавирусот бидејќи има доволен број антитела, со што е единствениот лидер во Европа кој не ја примил вакцината против коронавирус.

„Мојот број на антитела расте и не знам од каде е оваа појава. Во моментот кога бројката ќе биде под 100, ќе бидам вакциниран“, рече Кривокапиќ, нагласувајќи дека секогаш ќе ги следи советите на својот лекар.

Кривокапиќ често бил критикуван од црногорската јавност за кршење на епидемиолошките мерки, особено на верските собири на Српската православна црква, каде што бил снимен како со иста лажица „комуницира“ со другите верници.

Подгоричкиот портал Аналитика забележал дека Црна Гора сега е единствената земја во Европа чија влада ја предводи невакциниран претседател, потсетувајќи дека некои премиери, како што е косовскиот Албин Курти, биле меѓу првите кои ја примиле вакцината за да бидат пример за своите граѓани.

Медиумите во Подгорица потсетија дека српската премиерка Ана Брнабиќ ја примила првата доза во декември минатата година, а Еди Рама од Албанија во февруари годинава, додека лидерите на извршните власти во Хрватска и Словенија, Андреј Пленковиќ и Јанез Јанша ја примиле вакцина во март..

Во Црна Гора во последните две недели расте бројот на заболени од коронавирус и починати, а здравствените власти ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат. Црногорските епидемиолози се заканиле дека доколку здравствената состојба продолжи да се влошува, Ковид- пропусниците наскоро би можеле да бидат задолжителни за сите вработени во јавната администрација.

Црна Гора досега има вакцинирано близу 55 отсто од возрасната популација. Од почетокот на пандемијата во таа земја починале над две илјади луѓе или над 0,3 отсто од црногорското население.