Цукерберг го претстави својот нов адут на пазарот за онлајн плаќање: Facebook Pay

12

Во време кога довербата во Facebook е најмала и кога многу финансиски и технолошки компании им го свртеа грбот на нивниот проект за виртуелната валута Libra, компанијата на Марк Цукерберг го претстави својот најнов производ – Facebook Pay. Станува збор за систем за плаќање кој на корисниците на Facebook ќе им овозможи испраќање пари на пријатели и на други луѓе кои ја користат платформата, купување билети за настани, шопинг во рамките на видеогрите и на Facebook Marketplace. Исто така, преку Facebook Pay ќе може да се донира и да се собираат пари за разни намени.

Facebook Pay ќе ги поддржува речиси сите дебитни и кредитни картички и PayPal. Интересно е тоа што PayPal беше една од првите компании кои се повлекоа од Libra Association, неорофитната организација која требаше да управува со криптовалутата Libra.

Новата услуга на Facebook ќе биде достапна на сите платформи на компанијата, вклучувајќи ги Messenger, Instagram и WhatsApp, а ќе стартува во САД само со Facebook и Messenger уште во текот на оваа недела. Со тек на време ќе се прошири и на Instagram и WhatsApp, платформите кои имаат повеќе од милијарда корисници и на други пазари, па можеби во блиска иднина можеме да ја очекуваме и кај нас.

Од Facebook коментираат дека услугата е само дел од континуираните напори на компанијата да овозможи што попристапен и побезбеден начин за трговија во рамките на нивните апликации.