ЦЈЗ: За 7 до 10 дена ќе се знае билансот од журките и блиските контакти по плажите во Охрид

41

За седум до десет дена ќе се види билансот од големите журки, дружења и блиските контакти по плажите на Охридското езеро. Доколку коронавирусот се рашири тоа нема да биде само во охридскиот регион, туку во целата држава, сметаат во Центарот за јавно здравје во Охрид. Епидемиолозите се особено загрижени затоа што станува збор за претежно млади луѓе кои може да поминат и без симптоми, но да го рашират вирусот понатаму, на повозрасни, хронично болни, деца.

„Ако се вршат редовно тестирања за една недела може да се види колку од нив се инфицираале, а за десеттина денови до две недели ќе видиме како ќе се рашири понатаму вирусот. Не се само охриѓани во опасност, тие и одбегнуваа да излегуваат од своите домови во големиот налет од туристи за време на продолжениот викенд. Но, секако имало контакти“, изјави за НОВА д-р. Сашо Точко, директор на Ценатрот за јавно здравје во Охрид.

Тој нагласи дека имаало повеќе интервенции за тепачки и други интервенции од страна на МВР, како и од Пазарната инспекција особено во узурпираниот простор кој се користел за плажи и летни забави. Дали од Охрид ќе произлезе нов кластер со коронавирус кој би се раширил низ цела држава, ќе се види најмногу за две недели.

Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 147 прекршоци за неносење лична заштита на лицето (Охрид-118, Струга-09, Кичево-20).

„На сите им се издадени прекршочни платни налози за сторен прекршок по член 6 став 1 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето заради спречување на ширење на заразната болест Ковид 19. Воедно, полициските службеници самостојно, но и во координација со Државниот пазарен инспекторат, извршиле осум контроли врз угостителски и други објекти“, информираат од СВР Охрид.

Во текот на празничниот викенд, СВР Охрид спроведе интензивни превентивни и други мерки со цел, зачувување на стабилната безбедносна состојба на подрачјето. Полициски службеници од СВР Охрид но и од други полициски станици кои, деновиве се на испомош во Охрид, реализираа засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг просторите со цел, спречување на кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили.

Последниот инцидент се случил вчера кога полицијата интервенирала при тепачка каде две лица биле повредени со остар предмет.

„На 03.08.2020 година во 17.15 часот, во берберски салон лоциран на улицата „Даме Груев“ во Охрид, нарушен е јавниот ред и мир со вербална расправија, а потоа и со физички напад со остар предмет извршен од Б.Н.(20) врз Д.Д.(24) и Д.Д.(25), сите од Охрид. Нивната меѓусебна пресметка била прекината со интервенција на полициските службеници. Нарушителите се приведени и по целосно документирање на настанот, СВР Охрид ќе поднесе соодветни пријави“, велат во СВР Охрид.

Охрид за време на продолжениот викден беше преполн со гости, така што не само што имаше инциденти и непочитување на дистанца и носење маски, туку евидентна беше и нехигиената и фрлање на отпад во езерото.