Чавков: На 27 април не комуницирав со Јанакиески и Ристовски

11

Поранешниот министер за внатрешни работи и ексдиректор на БЈБ, Митко Чавков, денеска повторно се најде во судница за настаните од 27 април 2017 г. во Собранието, но овој пат како сведок.

Тој во првиот судски процес за упадот во парламентот доби највисока затворска казна од првостепениот суд од 18 години, како тогашен директор на БЈБ, и од притвор ја чека правосилноста на пресудата.

Денеска, во судот сведочеше по предлог на одбраната на ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се меѓу обвинетите за организацијата на настаните од крвавиот четврток.

„Ниту со еден од двајцата ниту со кој било надвор од МВР сум имал комуникација. Единствена таква комуникација некаде околу 20:30 часот беше со Никола Груевски. Ми се јави, се интересираше за состојбите, евидентна беше неговата загриженост. Кога Груевски се јави, веќе имавме полициски формациски сили кои беа консолидирани и се применуваа средства за присила, беа исфрлени повеќе шок-бомби, тогаш веќе ја имавме ситуацијата под контрола, течеше процесот на евакуација“, сведочеше Чавков.

Во голем дел од неговото сведочење тој зборуваше за неговите лични активности, што правел и каде бил на 27 април 2017 година и потенцира дека не е точно дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ како што тврди Александар Василевски-Нинџа, кој сведочеше дека команди се давале од штабот.

За Нинџа, рече Чавков, претходно му било познато дека е дел од криминалното милје и против него имало и кривични пријави, но лично не го познавал и првпат го видел кога двајцата седнале на обвинителна клупа во претходниот судски процес.