Чартер летови за враќање на заглавените македонски граѓани во странство

5

За заглавените македонски граѓани кои се обратија до Министерството за надворешни работи (МНР) за помош при враќање во земјава ќе бидат организирани чартер летови до скопскиот аеродром. Услов за тоа е да ги покријат трошоците за авиобилет и да минат во задолжителен двонеделен карантин на товар на државата. Јавниот повик до авиокомпаниите за организација на чартер летови ќе го упати Генералниот секретаријат, за што Владата донесе уредба на синоќешната седница.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера истакна дека до крајниот рок за пријавување (18 часот на 22 март 2020 година), помош од МНР за враќање во земјава побарале 5.000 македонски граѓани. Досега се обработени 4.000 од пријавите, а 2.100 граѓани се согласиле со поставените услови и ќе се вратат организирано.

Повеќето пријавени граѓани се „заглавени“ во европските земји, а најмногу ги има во Германија. Целта, вели Димитров, е пред сè, да се помогне на оние кои се затечени и не можат да се вратат, оние кои немаат друга дома.

„Нема да имаме ресурси за чартери кон Тајланд и Нов Зеланд, на пример, од каде имаме по еден пријавен граѓанин. Ќе бидеме фокусирани на европските земји од каде доаѓаат најмногу барања“, изјави Димитров.

Владата синоќа донесе уредба со која го задолжи Генералниот секретаријат да упати повик до авиокомпаниите за организација на чартер летовите. Крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на повикот, а критериумот за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.

Лицата кои ќе се вратат со чартер летовите при влез во авионот ќе потпишуваат договор меѓу нив и Владата во кој ќе гарантираат дека ќе ја подмират сумата за авионскиот билет во рок од 15 дена по пристигнувањето во земјава. Но, ќе пополнат и изјава дека се согласни да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена. За нивни трансфер од Меѓународниот аеродром Скопје до местата што се определени за државен карантин ќе биде организиран превоз.