Четврта смрт од коронавирусот во Кина, СЗО свика итен состанок

4

Светската здравствена организација ќе одржи вонреден состанок на експертска комисија за да утврди дали новиот вирус што ја зафаќа Кина треба да биде прогласен за глобална закана, откако кинеските здравствени власти потврдија дека смртоносниот патоген е заразен и дека се пренесува од човек на човек.

Средбата на СЗО, закажана за в среда, ќе се одржи по потврдувањето на четвртата смрт од новиот коронавирус, кој прво избувна во кинескиот град Вухан, но оттогаш се шири, зафаќајќи ги Пекинг и Шангај. Според кинеските власти, сега има 217 познати инфекции, од кои 198 биле во Вухан и уште четири случаи пријавени во Јапонија, Јужна Кореја и Тајланд.

„Неодамнешната епидемија на пневмонија од непознат коронавирус во Вухан и на други места мора да се сфати сериозно“, рече кинескиот претседател Си Џинпинг на националната телевизија, прв пат јавно осврнувајќи се на ова прашање.

Иако светското здравствено тело сè уште нема препорачано ограничувања на патувањата или на трговијата поради вирусот, нејзината експертска комисија в среда може да предложи вакви мерки, со цел да се ограничи неговото ширење. Другите здравствени власти низ целиот свет почнаа скрининг за болеста на аеродромите, вклучително и во САД, Австралија, Индија и голем број азиски земји.

Жонг Наншан, кинескиот научник заслужен за откривањето на САРС – сличен коронавирус – во 2003 година, за кинеските медиуми изјави дека најновиот патоген е способен да се шири од личност до личност, но рече дека вирусот сè уште е во рана фаза и дека тој не очекувал да се искачи на нивото на епидемијата на САРС во 2003 година, во која починаа скоро 800 луѓе низ целиот свет.