Чулев: До 20 часот приведени се 8 лица, a пријавени се вкупно 151 настан

14

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, денешните предвремени парламентарни избори, кои се одржаа во исклучително тешки услови во време на пандемија, ги оцени како фер и демократски. Чулев на прес-конференција рече дека заклучно со 20 часот на сите 8 сектори за внатрешни работи пријавени се вкупно 151 настан, од кои за 31 настан наводите не се потврдени, а констатирани се 9 прекршоци.

„Заклучно до 20 часот на сите 8 сектори за внатрешни работи пријавени се вкупно 151 настан, од кој за 31 настан наводите не се потврдени, а констатирани се 9 прекршоци, 3 за лажно пријавување на настан, 3 за викање и карање на јавно место…Приведени се 8 лица од кои 4 за фотографирање, 3 за сторени прекршоци и едно кај кое било најдено гласачко ливче. Најмногу прекршоци се пријавени на подрачјето на СВР Струмица, вкупно 38 , 31 Скопје и Штип, Битола 23, Куманово 14, Тетово 6 и Велес 5, а најмалку односно 3 во Охрид. Пријавите во најголем дел се за агитирање вкупно 75, 29 за давање поткуп, 5 за нарушување на ЈРМ, 2 за физички напади”, изјави Чулев.

Министерот за внатрешни работи посочи дека генерална констатација негова, како и на неговите колеги во МВР што работеле на изборите, е дека овие парламентарни избори минаа во мирна, фер и демократска атмосфера кои се доказ дека граѓаните се совесни, но и МВР функционира според Уставот и законите.

„Задоволство ми е што како министер во техничката влада успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори“, дополни Чулев.