Чупиќ: Многу работи ќе се знаат до крајот на месецот, би било штета сето ова да згасне

4

Составот на Вардар минатиот викенд успеа да слави убедлива победа над Мотор Запорожје со што обезбеди пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите, но ситуацијата во таборот на „црвено-црните“ е далеку од идеална и за сите проблеми проговори еден од најискусните, најважните играчи Иван Чупиќ.

– Не е идеално, ама не е ни новост. Семејството ми е в ред и тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој училиште, некој игра ракомет. Се навикнавме, добро е, -вели десното крило кое додава:

– Се уште ништо не се знае. Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, разговаравме. Ни кажаа оти многу работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, тоа се уште не знаеме. Ама како и да е, до крајот на сезоната ќе бидам тука, верувам и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо. Ние и навивачите нема да се откажеме, мислам тоа никогаш нема да се случи, останатото е висока политика во која не се разбирам, -порачува Иван за „Јутарњи“.

Во однос на тоа што допрва ги очекува, Чупиќ кој во Вардар е од 2016 година вели:

– Имаме уште два меча во ЛШ, па осминафинале. Ќе видиме со кого ќе играме можеби Алборг не знам. Потоа имаме четвртфинале во СЕХА со Нексе, се надевам ќе играме и на фајналфор, работа не ни недостасува. Колку не има е друго прашаше, играме осум до десет, се „крпиме“. Најавени се уште двајца ракометари, но искрено не знам како во оваа ситуација. Ништо, одиме од ден во ден, ќе видиме каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, ќе биде штета ова да згасне, -заклучи поранешниот хрватски репрезентативец.