Шар Планина ќе биде еден од најголемите национални паркови во Европа

Одлуката на Владата да го прифати предлогот на Министерството за животна средина за Шар Планина е првиот важен чекор за прогласувањето на Шар Планина за национален парк, кое ќе значи заштита на природата без нанесување штети на локалното население и развој на локалитетите според европските стандарди, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање на денешната прес конференција.

51

Тој притоа најави дека оваа владина одлука не значи и конечно прогласување на Шар Планина за национален парк туку дека сега следат јавни дебати на кои ќе бидат слушнати предлозите на локалното население. По усогласувањето на мислењата и на забелешките ќе бидат изготвени конечните предлози за прогласување на овие локалции за заштитени подрачја и тие повторно ќе бидат доставени до владата на усвојување.

„Прифаќајќи ги предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел, Владата воедно ги прифати и заложбите на експертската јавност во текот на изминативе 20 години овие предели да бидат заштитени од страна на државата“, рече Нуредини.

Шар Планина, истакна министерот, ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа, а со ваквиот статус на овие предели ќе се зголемат и можностите за прекугранична соработка со соседните земји.

„Беше утврдено дека овие предели поседуваат високи природни вредности за чие зачувување е потребно да бидат превземени мерки. Со прогласувањето на овие предели за заштитени, ги исполнуваме националните и стратешки цели и меѓународните обврски за заштита на природата односно заштита на пределската разновидност и биодиверситетот, работиме на исполнување на ЕУ директивите за живеалишта и за птици, а од тоа ќе имаат корист и државата и локалните заедници кои живеат на дел од тие територии“, рече Нуредини.

Тој истакна дека во нашата земја имаме национални паркови како што е Пелистер, кои се такви примери, каде локалното население непречено си ги врши своите активности, така да прогласувањето на национален парк не значи нивно запирање туку одржливо користење на природните богатства.

На констатација од новинар дека јавноста е збунета бидејќи беше разбрано дека Владата вчера ја прогласи Шар Планина за национален парк иако процесот всушност уште не е завршен и дека ова наликува на некаков предизборен потег бидејќи дебати околу оваа тема имаше доволно во изминативе години, Нуредини одговори дека се работи за почеток на процесот, дека процедурата е долга, но дека се надева дека тој ќе биде завршен до септември.