Шаќири најави расправа во Владата, не кажа дали на СОНК ќе му понуди друг процент за платите

2

Министерот за образование Јетон Шаќири потврди дека денеска имал разговор со претседателот на СОНК Јаким Неделков и најави дека на денешната седница на Владата ќе се дискутира за штрајкот во обраванието и градинките, а заклучоците од седницата ќе бидат пратени до СОНК. Шаќири уште еднаш повика на прекин на штрајкот и прифаќање на понудата од 10 процентно линеарно зголемување на платите. Според него, треба да се има предвид кризната состојба во државата и интересот децата да се вратат во училиштата и градинките.

Шаќири не прецизираше дали на владината седница ќе се разгледува нов, повисок процент за раст на платите, но рече дека треба да се има доверба во процесот на продолжени преговори. Тој и нагласи дека со ребалансот на буџетот ќе биде можно пренасочување средства во министерствата, како што предлага МОН за својот буџет.

„Во ниту една ситуација не сум обвинувал никого како министер, но што се однесува до образовниот процес сакам што побрзо да продолжи – уште утре. За оваа значајна тема преговорите можеме да ги продолжиме секојдневно, но не сакам последици да има образовниот процес. На пресот на СОНК се кажа дека членовите и дел од координаторите на СОНК во нивната комуникација кажале дека 95 отсто не прифаќаат 10 проценти покачување, а 5 проценти прифаќаат. Ако се вратиме наназад во годините, овие 10 отсто се највисок процент за покачување на платите во основното и средното образование. Но пак кажувам, не застануваме тука, имаме простор за дискусија, но секогаш да се има предвид дека овој процент во овој момент е во една многу друга ситуација зашто во претходните години немало ваква економска криза“, изјави Шаќири за медиумите по отворањето тркалезна маса за унапредување на правата на децата со попречености.

Министерот апелира да нема дезинформации, нагласувајќи дека според него, имало дезеинформирање на јавноста.

„Иако е економска криза, не е кажано дека нема да има повисоки плати во образованието. Кажано е дека ќе има повисоки плати. И дека ќе биде направен максимумот со оглед на состојбата во која се наоѓаме“, додаде Шаќири.

Тој притоа нагласи дека Законот за минимална плата, во членот 8а, одредил дека усогласување на сите плати треба да има во најмалку шест месеци, што значи, рече тој, дека има простор до септември, но дека како одговорна влада тоа се реализира и побрзо со дадената понуда.