Шекеринска: Ќе направиме сè за решение со Бугарија, но не на сметка на нашите црвени линии

8

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека во владата постои оптимизам дека ќе се реши спорот со Бугарија, но оптимизам и волја е потребно од двете страни.

Таа порача дека како Влада ќе направат сè за да се најде решение, но не на сметка на нашите црвени линии.

„Сите во владата сме генерално оптимисти бидејќи се покажа дека оптимизмот не турка кон решение на проблемите. Меѓутоа нашиот оптимизам па и нашата добра волја не е доволна затоа што за да решите еден спор потребно е волја, оптимизам, активност, желба на двете страни и затоа не би сакала да прогнозирам. Она што можам да го тврдам е дека ќе направиме сè за да се најде решение, но никако на сметка на прашањата кои кажавме дека се нашата црвена линија – прашањата на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Сакаме решение кое ќе биде одржливо и корисно за двете земји. Какво било решение кое задира во овие прашања ќе биде само причина за дополнителна недоверба, а не причина за нова енергија и верба во односите помеѓу двете страни“, изјави Шекеринска.

На прес-конференцијата на која го презентираше буџетот на Министерството за одбрана за 2021, таа не сакаше од владина говорница да коментира за партиските прашања, (не)согласувањата и писмото на Бранко Црвенковски, но порача дека за ставовите околу прашањата со Бугарија постои целосен владин консензус.

„Она што стана јасно е дека постои целосна согласност дека на овие теми треба да поаѓаме имајќи ги предвид и нашето антифашистичко минато и интересите на државата да оди напред. Околу тоа можевте да видите целосен владин консензус“, рече Шекеринска.

На прашањето дали на претстојниот состанок на министрите за одбрана во НАТО, таа ќе разговара со бугарскиот колега Красимир Каракачанов, министерката рече дека очекувала дека некои од коментарите ќе можела директно да ги упати уште на претходниот состанок, но тој не учествувал на него.

„Следниот е, ако не се лажам дури во февруари, јас би сакала да се надевам дека до тогаш ќе се случат некакви поместување. Ако не се случат, тогаш да се надевам дека средбите ќе бидат во живо, а не само преку безбедна видеоврска. Мислам дека тоа дава шанси и за упатување пораки на заедничката маса, но и за разговори на билатерално ниво. Кога во 2017 ги потпишувавме договорите очекувавме дека инвестираме, не само во воена соработка, туку во поголема доверба. За доверба помеѓу сојузници поинаку треба да функционираме и делуваме“, рече Шекеринска.