Шест деца од Скопје се во домашна изолација

11

Три деца од основното училиште „Владо Тасевски“ од Козле, две деца од основното училиште „Братство“ во населбата Тафталиџе, како и едно дете од градинката „Пролет“ се во домашна изолација од денеска.

Родителите на децата од „Владо Тасевски“ учествувале на симпозиумот на кој присуствуваше и заболената директорка на кожната клиника.

Докторката Кујтиме Мехмети од Клиниката за кожни болести на трети март држела предавања во ОУ „Братство“ и сега е во 14-дневна домашна изолација заедно со нејзините две деца. Мехмети посочи дека не била во директен контакт со заразената директорка со корона вирус.

– Свесни сме за паниката која се шири по основните училишта и градинките. Набавуваме дополнителни средства за хигиена по градинките и основните училишта, а покрај направената редовна дезинфекција (спроведена на крајот на февруари), следува и вонредна дезинфекција на воспитно-образовните установи. Повикувам на смиреност – рече денеска градоначланикот на Карпош Стефан Богоев, по посетата на училиштето „Јан Амос Коменски“.