Шефот на Фајзер: Луѓето за една година најверојатно ќе имаат потреба од трета доза вакцина

56

Извршниот директор на Фајзер Алберт Бурла рече дека на луѓето „веројатно” ќе им треба трета доза вакцина против ковид-19 во рок од 12 месеци по приемот на втората доза, пренесе Си-ен-би-си.

Тој додаде дека е можно луѓето да треба да се вакцинираат против коронавирус на годишно ниво.

„Треба да видиме како ќе се развиваат работите и колку често ќе мора да се вакцинираме. Значи, допрва треба да видиме. Веројатно сценарио е дека ќе ни треба трета доза, некаде помеѓу шест и 12 месеци откако целосно сме се вакцинирале, а потоа ќе се врши годишна ревакцинација. Но, сето ова допрва треба да се потврди. И секако, новите соеви ќе играат важна улога во тоа“, изјави Бурла за Си-ен-би-си.

Извршниот директор на Џонсон&Џонсон, Алекс Горски исто така за Си-ен-би-си во февруари изјави дека луѓето можеби ќе треба да се вакцинираат против ковид-19 секоја година, исто како и во случај на грип.

Имено, научниците сè уште не се во целост сигурни колку долго штитат вакцините. Фајзер изјави дека нивната вакцина против 19-ковид е повеќе од 91% ефикасна во заштита од коронавирус и повеќе од 95% ефикасна од тешка форма на болеста до шест месеци од втората доза. Вакцината од Модерна, која користи технологија слична на Фајзер, исто така се покажа како многу ефикасна за период од шест месеци.

Сепак, експертите сметаат дека се потребни повеќе податоци и истражувања за да се утврди дали заштитата трае и по тие шест месеци.

Дејвид Кеслер, научен советник за ковид-19 од администрацијата на Бајден, изјави дека Американците треба да очекуваат да добијат дополнителни дози на вакцина за да се заштитат од новите соеви на коронавирус.

„Анализираме колку трае реакцијата на нашиот имунолошки систем. Се чини дека тој одговор е силен, но со текот на времето се намалува и нема сомнение дека новите соеви за него претставуваат предизвик. Затоа мислам дека треба да имаме предвид дека можеби ќе ни треба засилување“, рече Кеслер.

Компаниите Фајзер и Бајонтек во февруари објавија дека тестираат трета доза од нивната вакцина против ковид-19 за подобро да разберат како имунолошкиот систем реагира на нови верзии на вирусот.

Американскиот Национален институт за здравство кон крајот на март започна со тестирање на нова вакцина против коронавирус од компанијата Модерна дизајнирана да заштити од проблематичниот вид, кој за прв пат е регистриран во Јужна Африка.

Извршниот директор на Модерна Стефан Бансел за Си-ен-би-си изјави дека компанијата се надева дека на есен ќе добие дополнителна доза, односно засилување што се прима по првите две дози вакцина.