Шкријељ смирува: Исплатите за ранливите категории се сигурни

5

Функционирањето на институциите мора да биде приоритет, нема да дозволиме граѓаните да бидат жртви на меѓупартиски препукувања. Сите реформски процеси, сите права од областа на социјалната заштита, социјалната сигурност на стари лица ќе продолжат да се исплаќаат редовно согласно воспоставената динамика, изјави на прес-конференција дополнителната заменичка министерка во Министерството за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

„Социјалната реформа што ја започна тимот на Министерството пред две и пол години фактички е една од најуспешните политики на оваа Влада и бројките сами за себе говорат. Тоа значи дека над 27.000 семејства земаат во просек за 300 проценти поголем износ на социјална помош, над 27.000 деца примаат детски додаток, над 8.500 примаат образовен додадок, а право на социјална пензија користат 4.171 лице. Овие права нема да дозволиме никој да им ги ускрати на граѓаните, ниту ќе дозволиме да бидат ставени под некаков притисок за било чиј интерес“, изјави Шкријељ.

Таа ги повика стечајните работници да поднесуваат барања согласно последните измени на Законот за материјално обезбедување на невработени лица заради приватизација на претпријатија во државна соптсвенот кои Собранието ги усвои.

„Очекуваме уште најмалку илјада стечајни работници да го остварат ова право за месен надоместок од 8.000 денари до пензионирање. Имаме опфатено вкупно 12.000 стечајни работници. Секогаш на прво место се граѓаните“, рече Шкријељ, која ја повика министерката Рашела Мизрахи на конструктивност и соработа.

Шкријељ потврди дека е во редовна редовна комуникација со министерката и дека граѓаните не треба да се грижат во однос на исплатата на социјалните трансфери. Во контекст на проблемите во делот на исплатата на нега од друго лице таа рече дека формирани се 15 комисии од лекари и специјалисти низ целата држава. Предметие не се блокирани и имаат рок за решавање.