Шпанија: На абортус од 16 години без согласност од родители и платено боледување за жените со болни менструации

3

Шпанскиот Парламент денеска усвои пионерски закон за сексуално и репродуктивно здравје со кој на девојките на возраст од 16 и 17 години им се дозволува да абортираат без согласност од родителите. Исто така, со Законот се предвидува и платено боледување за жените кои страдаат од болни менструации.

– Овие подобрувања обезбедуваат слобода над сопственото тело и го потврдуваат статусот на полноправни граѓани за половина од нашето население, рече министерката за родова еднаквост Ирен Монтеро пред гласањето, кое помина со 190 гласа „за“, 154 „против“ и петмина воздржани.

Законот, на кој се спротивставија конзервативните активисти и Католичката црква, беше претставен од страна на владејачката левичарска коалиција во мај.

Согласно законот, се укинува тридневниот период на „размислување“ за жените кои сакаат да абортираат и се укинува обврската на девојките на возраст од 16 и 17 години да добијат родителска согласност за постапката.

Законот вклучува и платено боледување за жени од 39-та недела од бременоста, бесплатна дистрибуција на менструални производи во јавни институции како што се училишта, затвори и болници, а сурогат мајчинството, кое е нелегално во Шпанија, се дефинира како форма на насилство врз жените.

Законот сега оди во Горниот дом на Парламентот на конечно одобрување.