Штедачи: Од Еуростандард банка пласирани ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра

8

Раководството на Еуростандард банка пласирало ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници, обвинија денес од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка повикувајќи се на извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски.

„Што е ова ако не чист криминал!? Вакви и слични криминални активности во банката има многу“, велат тие.

Притоа, наведуваат дека меѓу таквите фирми е и една на близок соработник на Трифун Костовски кој ја затворил сопствената фирма која останала должна во Еуростандард банка. Фирмата била затворена во февруари 2019 година, во која блискиот соработник бил единствен сопственик, а притоа да имала неисплатен кредит кон Еуростандард банка од над 200 илјади евра.

„Фирмата, која била со седиште во стан во централното градско подрачје на Скопје, нема обезбедување за земениот кредит бидејќи фирмата сега не ни постои и истото не може да се наплати. Според достапните податоци, фирмата е затворена и избришана од регистарот на фирми поради неактивност. Како е можно да не се отворил стечај за оваа фирма само поради долгот кон Еуростандард банка туку таа директно се затворила!?“, се вели во дописот до медиумите.

Дополнително, како што додаваат, згаснатата фирма на блискиот соработник на Трифун Костовски се јавува и како косопственик на друга фирма должник на Еуростандард банка со седиште во село Клечовце, Куманово.

„Кредитот на таа фирма е над 400 илјади евра, за којшто не платила ниту една рата повеќе од две години. Оваа фирма има единствено меница како обезбедување на земениот неповратен кредит. Фирмата е сеуште правно активна, но нема никакви приходи веќе неколку години и нема ниту еден вработен. Капиталот на фирмата е негативен, таа има само обврски, додека кредитот кон Еуростандард банка не постои во билансите на оваа фирма. Според сите индикатори, фирмата е пред затворање на сличен начин како и фирмата на блискиот соработник на Трифун Костовски. И во случајот со оваа фирма, нашите пари се ненаплатливи во целост“, велат од Здружението на оштетени штедачи.

Од Здружението сметаат дека надлежните институции недоволно прават за да се расчисти случајот со Еуростандард банка.

„Доказите за ваквите активности се во рацете на релевантните државни истражни органи кои и после шест месеци молчат за сторениот масовен грабеж на нашите депозити“, велат до Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.