Што сè се знае за таблетата против ковид-19? Го намалува ризикот од хоспитализација, смрт…

12

Според новото истражување на компанијата „Фајзер“, таблетата наречена „паксловид“ (Paxlovid) е успешна алатка за превенција од сериозните последици од болеста за само неколку дена по почетокот на симптомите.

Податоците покажуваат дека кога ќе се спореди со плацебо, доаѓа до 89 отсто намален ризик од хоспитализација или смрт доколку таблетата се земе неколку дена по појавата на симптомите. 88 отсто помал ризик постои кај оние кои ја земале таблетата пет дена по појавата на симптомите.

Важно е да се знае дека таблетата сè уште не е одобрена од Американската агенција за храна и лекови (ФДА), што значи дека не е достапна за јавноста за употреба, но и дека сè уште не знаеме која е цената на лекот. Експертите се согласуваат дека оваа таблета би можела многу да значи.

Што е таблета за ковид?
Станува збор за антивирусен лек кој го намалува ризикот од опасни исходи на болеста. Таблетата е комбинација од нов карактер и ритонавир, лек кој во моментот се користи за лекување на ХИВ/сида. Иако некои експерти го споредуваат со лек против грип, д-р Амеша Адаља смета дека не станува збор за лек сличен на „тамифлу“, туку дека многу подобро дејствува на вирусот отколку споменатиот лек на симптомите на грип.

Како дејствува таблетата?
Ефектот се забележува по два дена, а таблетата ќе ја блокира активноста на посебниот ензим во вирусот кој е потребен за тој да се размножува, објаснуваат од „Фајзер“. Кога вирусот не може да се размножи, тој не може ниту да биде причина за болеста. Ако се работи за поголема количина на лекот, вирусот долг период ќе остане неактивен. Д-р Вилијам Шафнер, специјалист за вируси, вели дека оваа способност на лекот ќе спречи да ви биде лошо. Кога ќе биде достапен за јавноста, ќе треба за лекот да се има и рецепт од лекар.

„Може да се препише при првиот знак на инфекција или ако лицето е свесно дека било изложено на вирусот“, стои во извештајот на „Фајзер“.

Колку е ефикасна таблетата против ковид?
Резултатите од испитувањата се ветувачки. Студијата следела 2.246 луѓе кои не се вакцинирани и може да имаат потешка форма на болеста, а меѓу таа популација, студијата открила дека таблетата делува до 89 отсто ефикасно кога станува збор за превенција од хоспитализација. „Фајзер“ исто така ја проучува и кај луѓето кои се во „стандарден“ ризик од компликации и откриле дека кај оваа група има 70 отсто помала веројатност дека ќе дојде до хоспитализација меѓу оваа популација. Од лабораторијата доаѓаат информации дека оваа таблета може да ја спречи инфекцијата со сојот омикрон, односно од можноста да прерасне во сериозни компликации.

„Ова се импресивни заклучоци и добро ни дојдоа“, истакнал д-р Адаља и додал дека единствениот проблем би можело да биде тоа што таблетата ќе биде помалку ефикасна во реалниот свет, па овие резултати би можеле да бидат помалку импресивни од оние кои доаѓаат од лабораторијата.

Дали таблетата може да ја замени вакцинацијата?
Лекарите велат „НЕ“. „Превенцијата преку вакцинација е најдобар начин, но навистина е одлична вест што постои и орална терапија“, додава д-р Адаља. Д-р Шафнер се согласува и нагласува дека не постои замена за вакцинацијата затоа што не сакате да се заразите ако не морате.

Кога таблетата против ковид-19 би можела да биде достапна?
Одборот на ФДА прво ќе треба да ги прегледа сите податоци пред да издаде препорака за употреба. Доколку одборот донесе позитивна одлука, ФДА би можел да го одобри лекот и да му ги даде податоците на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кој ќе даде совети за тоа како треба да се користи таблетата. На крајот, директорката на ЦДЦ Рошел Валенски ќе даде зелено светло за нејзино користење во јавноста. Според нејзините зборови, таа би требало да биде достапна на почетокот на 2022 година.