Штрајкуваат вработените во Управата за матични книги каде дел од платите биле и под законскиот минимум

12

Вработените во Управата за матични книги од денеска се во штрајк за поголеми плати, па така околу 500 вработени во единиците на оваа институција низ земјава се присутни на работните места но не работат со странки, велат од синдикатот. Граѓаните кои имаат потреба од некој документ од матичните книги, како извод на родени, починати, или впишување на починат во книга на умрени, или впишување на брачна состојба и.т.н. не ќе можат да го извадат се додека трае штрајкот за кој синдикалците велат ќе штрајкуваат до исполнување на нивните барања.

Претседателот на синдикатот на управата за матични книги Тони Милошески обвинува за притисоци од страна на директорот на Управата Блерим Абази.

– Притисокот се прави на тој начин што им се јавува на раководителите во Управата и бара тие што не се дел од синдикатот да работат зашто немале право да штрајкуваат, вели Милошески дополнувајќи дека правото на протест е уставно загарантирано право на секој еден работник независно дали е тој член на синдикат или не.

„Матичарите“ бараат линеарно покачување на платите и колективен договор со кој што ќе им се зголемат примањата за 30 отсто. Едно од барањата е признавање на звањата на вработените и нивно распоредување по позиции. Инаку најниската плата во Управата е под законски загарантираниот минимум од 15 илјади денари. (М.Т.)