Ѓока: Осум бода се достижни, Шкендија може да биде шампион

8

Тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока, го коментира дерби-дуелот со Вардар кој заврши без победник (2-2) и кој беше последен за оваа полусезона во ПМФЛ. Предводникот на тетовчани вели дека жали што неговиот тим не победил во Скопје, а од изданието има замерки само за вториот примен гол.

„Не е дека сум многу задоволен затоа што тука дојдовме по три бода. Жалам за вториот примен гол затоа што целиот натпревар имавме контрола како што сакаме и во таа ситуација не смеевме да дозволиме да го примиме тој втор гол. За другото, се беше на наша страна и требаше да победиме“, вели Ѓока.

Новиот предводник на Шкендија успеа да го врати тимот на победнички колосек и да го извлече од дупката во којашто беше, а од прогресот е задоволен.

„Секако дека треба да сме задоволни од прогресот. Не е дека променивме нешто, играчите се исти, но тимот во првиот дел не беше на нивото. Успеавме да се вратиме и да играме како што знаеме и умееме. Иако секогаш може подобро, треба да се биде задоволен. Наша цел е шампионската титула“, додава тој.

Вардар е лидер на паузата и има осум бода повеќе, но Ѓока ја гледа разликата како достижна.

„Секако дека осум бода е добра разлика за противникот, меѓутоа јас верувам дека можеме да ги достигнеме и да ги поминеме. Секако дека треба за тоа многу борба и ќе биде голема борба во третата и четвртата фаза. Мислам дека сме подготвени, во една отворена борба, да покажеме дека можеме да ја достигнеме негативата“, е ставот на тренерот на Шкендија.

Доаѓа зимскиот преоден рок, а Ѓока вели дека Шкендија нема да купува по секоја цена и дека ако носи играч, тој ќе мора да биде поквалитетен од она што се има во актуелниот ростер.

„Тимот на Шкендија има добра група и ги има играчите, не само за македонско првенство туку и за Европа, но сигурно дека ако би успеале да донесеме играч со квалитет на повисоко ниво од актуелните што ги имаме би било добро. Но, нема по секоја цена да се купува“, заврши стратегот.

Шкендија ја завршува полусезоната на второто место на табелата во ПМФЛ.