Ѓоковиќ загуби еден сет, но не и мечот: Ју-Ес опен заврши за првата фаворитка Плишкова (ВИДЕО)

7

Новак Ѓоковиќ се пласираше во 3.коло на Ју-Ес Опен откако во четири сета го совлада Кајл Едмунд од Велика Британија.

Српскиот тенисер го загуби првиот сет во тај-брејкот, кој траеше цели 70 минути. Потоа работите се вратија на свое место, па Ѓоковиќ ги освои следните три сета со 6-3, 6-4 и 6-2 и ја запиша 25-тата победа по ред во 2020 година, односно останува без пораз. Во следната рунда светскиот рекет број 1 се среќава со Јан-Ленард Штруф, кого го победи во четвртфиналето на мастерсот Синсинати минатата недела.

Четвртиот фаворит на турнирот, Стефанос Циципас немаше проблеми против Максим Криси на своето деби на стадионот „Артур Еш“ и триумфираше со 7-6, 6-3 и 6-4. Во 3.коло се пласираше и петтиот носител, Александер Зверев, кој загуби еден сет од Брендон Накашима, но славеше со 7-5, 6-7, 6-3 и 6-1.

Пласман понатаму обезбеди и Денис Шаповалов по триумфот од 3-1 против Сунву Квон, како и Давид Гофан, Филип Крајновиќ, Пабло Карено-Буста и Борна Чориќ.

Кај тенисерките Ју-Ес опен заврши за првата носителка на турнирот Каролина Плишкова. Каролина Гарсија славеше со 6-1 и 7-6 и се пласираше во третата рунда. Гарсија покажува дека се враќа во добра форма, бидејќи пред две години беше рангирана во ТОП 10, а сега е на 50-тото место на ВТА ранг-листата.

Пласмaн понатаму обезбеди и Наоми Осака која имаше убедлив настап против Каролина Гиорги со 6-1 и 6-2. Петра Квитова беше подобра од Катерина Козлова со 7-6 и 6-2.