Ѓоковиќ: Луѓе, уживајте во животот, сетете се на Коби и на пожарите во Австралија

15

Новак Ѓоковиќ по осми пат во кариерата триумфираше во Австралија Опен, а на церемонијата при доделување на трофејот српскиот тенисер не заборави да потсети на трагичната смрт на својот добар пријател, кошаркарот Коби Брајант.

„Сакам да испратам потсетување за сите на, да уживаме во животот, да бидеме со луѓето кои не сакаат, со нашите семејства. Има и поважни работи од спортот, треба да се биде свесен за работите надвор од професијата, сетете се на Коби, на страшните пожари во Австралија. Голема благодарност до мојот тим, до брат ми Марко, до сите оние кои доаѓаа на трибините во овие две седмици, до децата што ги собираа топчињата“, изјави Ѓоковиќ.

Тој испрати и низа комплименти на адреса на Доминик Тим, за фантастичната игра во денешното финале.

„Големи честитки за Доминик за страшниот турнир што го одигра. Вечерва не ти беше пишано, беше блиску, но имаш сосема доволно време да освоиш барем еден, ако не и многу повеќе гранслем трофеи. Голем респект за Тим, за неговото семејство и целата екипа, имам многу високо мислење за сите вас“, порача Новак Ѓоковиќ.