Ѓоковиќ најави дека радикално ќе ги промени плановите доколку не му дозволат да игра на Ју-Ес Опен

0

Новак Ѓоковиќ стигна до своето седмо славје на зелената трева на Вимблдон, но 21-0т грен слем трофеј во кариерата може да биде последен и единствен за него во оваа календарска 2022-ра година која ја почна на чуден начин, а може да ја заврши на речиси идентичен.

Србинот го победи Ник Кирјос со пресврт во големото финале на Вимблдон и стигна до нов голем успех во кариерата, но како што гласат правилата во Америка, тој нема да има право да отпатува во Њујорк и да игра на последниот грен слем турнир оваа година.

Ју-Ес Опен почнува на крајот на месец август, а доколку нема промена, Ноле најави дека радикално ќе ги промени плановите и ќе прескокне многу турнири се до завршниот Мастерс турнир.

– Не сум вакциниран и не планирам да се вакцинирам, па добри вести за мене ќе бидат само ако се укине задолжителното вакцинирање на странци за влез во САД. Медицински исклучок не е реално сценарио и останува само првото. Сега ќе одам на одмор неколку седмици, а потоа чекам добри вести од САД бидејќи би сакал да играм.

– Ако не се случи тоа, ќе мора да размислам за промена во распоредот. Да бидам искрен, се сомневам дека ќе играм на други турнири и дека ќе бркам поени на АТП листата. Како што дознав од мојот агент, со освојувањето на грен слем турнир, треба да бидам во топ 20 за да имам гарантирано учество на завршниот Мастерс. Со освоените поени досега, ќе бидам во топ 20 и нема да мора да бркам нови бодови. Ако не ми дозволат да играм во САД, ќе играм на Дејвис Купот и опција е Лејвер Купот, – изјави Ѓоковиќ на пресот по седмата титула на Вимблдон.