Ѓоковиќ се огласи по историското остварување

21

Покажа колку му значи што стана рекордер по бројот на поминати недели на врвот на АТП-листата

Новак Ѓоковиќ од денес и официјално стана рекордер по бројот на поминати недели како прворангиран на АТП-листата, поминувајќи го Роџер Федерер со 311 недели како број 1.

Ова е историско остварување за српскиот тенисер кој направи голем исчекор кон прогласувањето за најдобар тенисер на сите времиња, по што му остана само да ги стигне Федерер и Надал во гренслем титулите, кои моментално имаат две повеќе од Новак, односно по 20 освоени на Швајцарецот и Шпанецот.

Ѓоковиќ се огласи и потврди колку му значи што го урна рекордот, момент за кој долго чекаше.

„Ова достигнување е една од работите кои ги сонував уште кога почнав да играм тенис. Тоа е признание на мојата љубов и посветеност кон играта. Моето патување до тука воопшто не беше едноставно, но ми даде сила да продолжам. Денес е голем ден“, истакна Ѓоковиќ.