Ѓоковиќ ја најде причината за поразот: 99,99 отсто од навивачите навиваа за Надал

12

Новак Ѓоковиќ го заврши настапот на Ролан Гарос во четвртфиналето откако загуби од Рафаел Надал во четири сета и тоа со 2:6,6:4,2:6,6:7, а по мечот изјави дека не може да пронајде еден елемент кој го одлучи победникот, но додаде дека навивачите му дадоа крилја на Шпанецот.

– Тешко е да се избере еден елемент што го одлучи победникот. Веројатно тоа е мојот бекенд кој не ме служеше и тоа што направив многу грешки. Рафа тоа умешно го користеше. Најчесто ми сервираше на мојот бекенд. Моите удари беа кратки, па можеше да го диктира ритамот од средина на теренот – изјави Ѓоковиќ кој смета дека публиката која беше на страната на Надал имаше клучна улога во неговиот пораз.

– Влегов во мечот дури кон средината на вториот сет иако Рафа лесно го доби третиот сет. Четвртиот сет можеше да ми припадне на мене и да влеземе во одлучувачкиот петти сет каде ќе беше се отворено. Штета, имав две сет топки на свој сервис. Публиката го сврте мечот, таа беше 99,99 отсто на негова страна и тоа е тоа. Навивачите го кренаа Надал во моментите кога тоа му беше потребно. Штета.

Поразот од Надал во четвртфиналето значи и дека Ѓоковиќ од понеделник ќе го загуби првото место на АТП ранг листата, но сепак е убеден дека во наредниот период ќе прикажува подобри игри.

– Знам дека можам да играм многу подобро, очекував во некои моменти да одиграм подобро. Но, Надал ги заслужи сите честитки, одигра агресивно и прецизно кога требаше и со поддршка на навивачите успеа да ја добие потребната енергија и да победи.