Ѓоргиев: По пет измени ќе има во учебниците и во Македонија и во Бугарија

0

Македонскиот тим во билатералната комисија за историски и образовни прашања со Бугарија одржа брифинг на кој беа презентирани усвоените решенија на Комисијата за заедничките чествувања на одредени историски личности како и препораки за подобрување на учебниците по историја.

– Тоа се препораки кои се однесуваат и на македонските и на бугарските учебници, а станува збор за по пет препораки кои секоја од страните треба да ги имплементира, а се однесуваат на античкиот период. Во иднина, авторите на учебниците би требало да ги земат предвид овие препораки. Препораките се однесуваат на структурални недоследности, потоа на фактографски грешки, историската географија, односно како се претставени одредени географски реони во ученбниците, рече Драги Ѓоргиев претседател на Комисијата.

Препораките се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Македонија и 5-ти клас во Бугарија.

– Препораките не допираат во идентитетските прашања, и истите се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива. Од тој аспект сметаме ќе се подобрат учебниците по историја во двете земји, рече Ѓоргиев.

Владата може, но не е обврзана да ги прифати овие препораки од Мешовитата комисија.

Исто така, Комисијата одлучила дека цар Самоил, Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум, на одредени јубилеи и значајни датуми, ќе се чествуваат заедно со делегации од обете земји, додава Ѓоргиев.

Ѓоргиев по брифингот со новинарите во врска со усвоените решенија на Комисијата појасни дека препораките за заедничкото чествување на овие историски личности се всушност идентични текстови за заедничко чествување со кои им препорачуваат на двете влади на одредени годишници или јубилеи да се чествуваат заедно.

– За заедничкото чествување на историските ликови, главни критериуми за Комисијата беа презентација на универзалните вредности на тие личности за придонесот на тие личности во развивањето на христијанската култура, традиција на овие простори и секако придонесот на тие личности за развојот на словенската, сесловенската писменост. Се трудевме во тој контекст текстовите да имаат поширок регионален апсект, заклучи Ѓоргиев.

 

Според Протоколот што на 17 јули во Софија го потпишаа министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во рок од еден месец од потпишувањето на документот, двете држави треба да ги објават на интернет-страниците на двете влади веќе усвоените препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.