Ѓукановиќ: Нѐ удираат и однадвор и одвнатре

6

Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ во Советот за човекови права во Женева кажа дека неговата земја се соочува со повеќекратни удари однадвор и одвнатре.

Во своето обраќање Ѓукановиќ кажа дека тие дејствувања се насочени кон уривање на правниот поредок и негирање на граѓанскиот и мултиетничкиот карактер на црногорската држава, што, како што кажа, на крај би значело враќање на средновековниот систем во кој црквата била над државата и граѓаните.

Со тврдење дека со законот, на либерален начин, во согласност со најсовремените легислативни стандарди, се зацврстува слободата не вероисповедта, се уредува правната позиција на верските заедници и се гарантира уставниот принцип на одвоеност на црквата од државата, Ѓукановиќ кажа дека постапката на изработка на тој акт траела пет години.

Тој истакна дека со законот е сменет досегашниот од 1977, од периодот на комунистичка Југославија.

„Меѓутоа, при подготовката, а особено по неговото усвојување, Црна Гора се соочи со обвинувања од само една верска заедница, и со брутална медиумска кампања доминантно од блиското опкружување, со вешти манипулации и обиди да се обвини државата и да се ограби црковниот имот и да се смени неговата повеќевековна намена“, наведе шефот на црногорската држава.

„Меѓутоа, стабилноста на нашата земја не е загрозена. Црна Гора, како и во 2006, кога со демократски референдум, што баш и не е вообичаено на Балканот, ја обнови државата, и ова внатрешно прашање ќе го реши на мирен начин, и така ќе го одбрани концептот во кој сите граѓани, и сите верски заедници, ги имаат истите права и рамноправна положба“, заклучи Ѓукановиќ, истакнувајќи дека Црна Гора со ова потврдува дека концептот на граѓанската, мултиетничка демократија на западниот Балкан е одржлив и единствен гарант на стабилноста на овој ранлив регион.