Јавноста конечно ќе ги дознае податоците за финансиите на Трамп кои тој 4 години ги криеше

12

Врховниот суд, највисоката американска судска инстанца, му даде зелено светло на обвинителот во Њујорк да ги прибави даночните пријави и други финансиски податоци за поранешниот претседател Доналд Трамп како дел од кривичната истрага што се води против него, објави Гласот на Америка.

Судиите го отфрлија барањето на Трамп да се одложи спроведувањето на судската одлука донесена на 7 октомври, според која на сметководствената компанија „Мазарс САД“ ѝ е наложено да ѝ ги предаде материјалите и податоците на големата порота свикана од окружниот обвинител на Менхетен, инаку член на Демократската партија.

На Врховниот суд му беа потребни неколку месеци да се изјасни за случајот. Институцијата, во која има тројца судии назначени од Трамп, не ја објавуваше одлуката за време на изборите и периодот во кој Трамп поднесуваше приговори за поразот.

Тоа го стори еден месец по завршувањето на мандатот на поранешниот претседател.

Случајот се однесува на даночните пријави на Трамп како приватно лице и како бизнисмен во последните осум години. Во врска со ова – обвинителите не обелоденија премногу информации.

Во едно судско досие во текот на изминатата година, тие наведоа дека со право бараат пристап до пријавите поради, како што наведоа, извештаите во јавноста за можно значајно и долготрајно криминално однесување.

Дел од истрагата се однесува на исплатите на порноактерката Сторми Даниелс и на манекенката Карен Мекдугал, за да ги замолчи за наводната афера со Трамп за време на претседателската кампања во 2016 година, за што Трамп негираше дека имал вонбрачни врски.

Во јули 2020 година судиите на Врховниот суд го отфрлија аргументот на Трамп дека претседателот не може да биде под истрагата додека е на функција или дека обвинителот „треба да покаже поголем степен на потреба“ да ги открие даночните пријави на шефот на државата.

Таа одлука беше поддржана од Нил Горсач и Брет Кавано, кои беа предложени од Трамп за судии на Врховниот суд. Одлуката беше донесена и објавена пред Ејми Кони Барет, третиот избор на поранешниот претседател, да ја наследи Рут Бадер Гинзберг како судија.

Дел од пресудата беше и одлуката за враќање на случајот во надлежност на судовите од пониска надлежност. Исто така, беше одлучено дека податоците за даночните записи на Трамп нема да бидат објавени додека течат судењата пред тие судови.

Адвокатите на Трамп поднесоа и дополнителни аргументи објаснувајќи зошто податоците за даночните пријави на Доналд Трамп не треба да се откриваат – но тие беа одбиени пред федералниот суд во Њујорк во редовна постапка и по жалба.

Станува збор за пресуди чие стапување во сила поранешниот претседател на САД се обиде да го одложи.