Јакимовски: Наставата ќе може да се следи на мобилен, домашно ќе може да се пишува на обичен компјутер

39

Професорот Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ, информира дека во тек е подготовката на унифицираната национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија која ја подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Сподер докторот на науки, таа би требало да биде готова до 15 септември и ќе може во исто време да опслужи 200-300 илјади ученици, откако минатата недела беше формирана работна група од претставници на ФИНКИ, Министерството за информатичко општество и администрација, додека на средбата присуствувале и претставници од МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ).

Според Јакимовски, инфраструктурата и системот веќе се подготвува, а воедно се организираат и останатите организациски и координативни активности а на платформата наставниците лесно ќе можат да објавуваат наставни материјали, да прикачуваат содржини, надворешни ресурси, како и да поставуваат домашни задачи, наставни листови и друго. Истовремено на платформата ќе може да се одржува и онлајн-час на многу едноставен начин.

Како што веи тој, ќе се направи интеграција на платформата со останатите системи на Министерството за образование и наука и ќе се обезбеди поедноставена администрација.

– Плановите ни се сè да биде подготвено до 15 септември, со некои активности да се заврши и порано, но поради комплексноста и обемноста на системот, можни се одложувања. Во секој случај, ќе има предизвици! Верувам дека преку соработката со ИТ-индустријата, телеком-операторите и надлежните институции ќе се изнајдат соодветни решенија – вели Јакимовски за Факултети.мк.

Тој веи дека иако времето не работи во корист на платформата, обуките и тестирањето ќе се вршат интензивно, додека се што му е потребно на едно домаќинство за настава и за решавање на домашните задачи е еден мобилен телефон и обичен компјутер.

– Наставата ќе може да се следи и со мобилен телефон, како за пристап до платформата така и за да се следи онлајн-наставата. Но, за да може ученикот да напише домашна работа, полесно да чита, да решава тестови, потребен е компјутер. Нема да биде неопходен нов компјутер со јаки карактеристики. Доволен е компјутер што се користи за стандардно канцелариско работење. Секако дека тоа ќе биде предизвик за семејствата со две, три и повеќе ученици, но со добро планирање можно е да се овозможи наставата да ја следат со еден компјутер, вели професорот.