Јанева нема да признае вина, ќе ја убедува Русковска дека нема докази

23

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева нема да признае вина за случајот „Рекет“. Одбраната на Јанева е децидна во ставот дека обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нема докази против Јанева, па поради тоа нема причина да го користат законското право поранешната шефица во моментот кога ќе биде прашана за изјаснување на вина пред стартот на судскиот процес, да признава вина. Јанева во текот на судската постапка ќе докажува дека Русковска нема докази кои укажуваат на тоа дека таа го сторила кривичното дело за кое ја гони ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, пишува Мкд.мк

Јанева од пред неколку дена е во куќен притвор, откако Апелацискиот суд донесе одлука дека мерката притвор во текот на постапката може да се замени со поблага мерка за обезбедување на присуство.

Јанева беше во притвор од 21 август кога беше приведена поради инволвираност во случајот „Рекет”. Во текот на истрагата таа не даде исказ.

Јанева, според обвинителниот акт падна во случајот „Рекет“ за 50.000 евра слушајќи ги наредбите на првообвинетиот Бојан Јовановски.

Во оваа постапка освен Јанева и Јовановски, обвинет е и Зоран Милевски кои исто така е во куќен притвор.

За сега, во притвор е само Јовановски, за кого Апелацискиот суд деновиве треба да донесе одлука.

За утре е закажан стартот на судскиот процес за случајот „Рекет“. Според обвинението, Катица Јанева требало да даде позитивно мислење за укинување на мерката притвор на бизнисменот Орце Камчев во „Империја”, а за тоа тој требало да плати 1 и пол милион евра. Русковска не утрвдила како се спријателиле Јовановски и Јанева, но како што се вели во обвинението за сторување на кривичните дела наредби давал Јовановски, а Јанева требало да ги реализира.

„Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, што Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за времено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист – мебел од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра”, пишува во обвинителниот акт.

Предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска – Масевска.