Јанушев се повлече од функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ од лични причини

22

Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев поднесе оставка од оваа функција од лични причини, изјави синоќа лидерот на партијата Христијан Мицкоски, но не прецизираше кои се тие причини.

„Поради лични причини се повлече досегашниот генерален секретар, Игор Јанушев. Ја користам оваа прилика да му заблагодарам за неговата работа, срдечно залагање и беспоштедна битка. Тој продолжува да придонесува и помага во ВМРО-ДПМНЕ. Во наредниот период Извршниот комитет ќе биде проширен и со нови членови, нов генерален секретар, нов претседател на Унијата на жени и нов претседавач на Унијата на ветерани“, рече по вчерашната седница на партискиот Централен комитет Мицкоски.

Јанушев стана генерален секретар на партијата по изборот на Мицкоски за партиски лидер. На последните парламентарни избори Јанушев беше носител на листата на Изборната единица 3, каде ВМРО-ДПМНЕ освои 10 пратенички места. Очекувањата на партијата беа поголеми во оваа и во ИЕ2.

На интернет страницата на Државната комисија заспречување на корупијата објавена е имотната состојба и на пратеникот Јанушев. Неговата сопруга поседува три стана во Скопје и куќа во Охрид, а еден од становите во Скопје е заеднички. Јанушев е сопственик на моторното воило „лексус ГЦ 450“.

На седницата на ЦК беше избран и нов Извршен комитет, со намален број на членови од 21 на 16 (без потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, кои останаа на истите функции). Членови на ИК се Влатко Ѓорчев, Трајко Славески, Коце Трајановски, Дафина Стојаноска, Антонијо Милошоски, Гордана Димитриеска-Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Вело Марковски, Драган Ковачки, Иван Иванов, Олга Лозаноска, Марија Андоновска, Никола Мицевски, Сергеј Попов, и Кирил Пецаков.