Јапонците сакаат да го прошират консумирањето алкохол кај младите

0

Младите Јапонци се премногу трезни, според локалната даночна управа, која со нов конкурс сака да ја прошири консумацијата на алкохол кај таа популација, пренесува Би-би-си. Младите полнолетни Јапонци пијат помалку од своите родители, а тоа има последици и на средствата собрани од алкохолни пијалаци како што е саке.

Затоа, Националната даночна управа започна конкурс за идеи како да се промени овој тренд. Целта на кампањата „Саке Вива!“ е да го направи консумирањето алкохол попривлечно и со тоа да им помогне на производителите на пијалаци.

Јапонците на возраст меѓу 20 и 39 години можат да ги пријават своите бизнис идеи за да ја зголемат побарувачката меѓу своите врсници, било да е тоа за саке, виски, пиво или вино, јавува Би-би-си.

Јапонските медиуми пишуваат дека реакциите за овој конкурс се различни. Критичарите се противат на промовирањето нездрави навики, но многумина веќе ги објавија своите идеи на интернет.